Во врска со барањето на жителите од месната заедница Стар град, предлог планот за овој дел од Охрид повторно да биде ставен на јавен увид, од Завод и музеј велат дека не постои Законска обврска за тоа, но дека крајниот збор го има општината.
Од установата објаснуваат дека планот за Прва урбана единица е започнат да се работи уште во 2007 година. Уште тогаш НУ Завод и Музеј – Охрид изработил Заштитно конзерваторски основи, меѓутоа, тогашниот план кој се изработил и кој бил изложен на јавен увид не бил изработен според подготвени основи од установата па затоа и Управата за заштита на културно наследство не дала согласност за усвојување на тој план.
– Граѓаните од стариот дел на градот Охрид го погледаа планот и дадоа свои приговори. Истите беа разгледувани подолг временски период и во зависност од позитивните законски прописи некои беа прифатени, а некои отфрлени. Со прогласувањето на Старото градско јадро на Охрид за споменичка целина од особено значење, а и заради подолгиот временски период, на претходно ажурирани подлоги НУ Завод и Музеј – Охрид изработи Анекс на Заштитно конзерваторските основи. Заедно со планерите неколку пати го разгледувавме целото јадро и беа разгледувани сите објекти од прв до последен. Нацрт планот кој што беше изложен на јавен увид претрпе огромни промени, се она што сметавме дека треба да се отстрани беше отстрането и како таков Предлог планот ги доби сите потребни согласности потребни за донесување на седница на Советот на општина Охрид, информираат од Завод и музеј.
Оттаму, додаваат дека нема ништо спорно во подготвениот предлог план за стариот дел од градот.
OhridNews