На младата шпанска пијанистка Лаја Мартин и се заканува казна од преку седум години затвор поради „Звучно загадување“, бидејќи со повеќегодишното свирење го загрозила психичкото здравје на своите сосетки. Имено, извесна Соња Б. тврди дека од 2003 до 2007 година морала речиси секојдневно да трпи осумчасовно свирење на пијанистката, која во тој период била студент и живеела во станот под нејзиниот во североисточниот град Пуигсерд.
Според медиумите, Соња Б. на суд изјавила дека пати од пореметување на сонот и анксиозност, дека има напади на паника и дека го замрзела клавирот засекогаш. Мартин, денес професионална концертна пијанистка, одрекнува дека толку често свирела дома, наведувајќи дека поради студиите редовно одела во други градови. Судењето би требало да заврши на 15 ноември.