Од 1 септември треба да се интензивираат работите на затворениот пливачки базен во Охрид кој се наоѓа во склоп на СРЦ „Билјанини Извори“, откако подолг период имаше застој. Првиот човек на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски денес информираше дека очекувањата се базенот да биде завршен во март или април следната година.
Последните околу осум месеци имаме проблем со инвеститорот. Главниот човек на таа функција беше во притвор, пред нешто повеќе од седум дена излезе и имавме состанок. Сменет е самиот надзор и се надевам дека од 1 септември продолжуваат работите. Ни дадоа гаранција дека до месеците март или април базенот ќе биде готов. Базенот е скоро 70 % готов, треба да се донесе да се монтира коритото, горе веќе се направени просториите, трибините, челичната и бетонската конструкција веќе е готова, само финесите и внатрешниот дел да се досредат. Струјата е исто така поставена. Многу малку фали за да се направи. Се надевам дека ќе биде за многу брзо завршен, рече Мојсоски.
Додаде дека Струшкиот базен се очекува да биде готов во периодот декември-јануари и дека немилите настани од страна на изведувачот веќе нема да ги има бидејќи ова трае со години.
Инаку, затворениот пливачки базен во Охрид чија изгардба официјално започна во 2015 година во Охрид во кој ќе има два базени (12,5 на 6,5 метри со длабочина од 0,8 до 1,2 метри и 25 на 33 метри и длабочина од 2 метри) ќе биде енергетски ефикасен објект и ќе користи биотермални пумпи што ќе го направат неговото користење во зима далеку поевтино.
Покрај двата базени ќе има трибини со капацитет од 500 седишта и посебен простор за новинари и вип ложа, како и помошни простории со спа и велнес центар.
Н.С.Ј.