Досетливиот германски затвореник, Ханс Ланг (42), се сокрил во затворската перална откако затворениците завршиле со работа. Влегол во кутијата за валкани алишта и се затворил во неа. Комбето на Федекс ја собрало кутијата и ја поминало вратата од затворот Вилих крај Дизелдорф.
Ланг чекал возачот да застане по втор пат пред да излезе од кутијата, ја обил задната врата од комбето и побегнал во блиската шума. Чуварите дознале за бегството дури кога возачот ја видел обиената врата и празната кутија. Полицијата е во потрага по бегалецот.
– Ова е една од оние ситуации за кои мислиме дека ги има само на филм. Но, во овој случај, многу е вистинито – изјавил портпаролот на полицијата.