Затвореникот кој бил на викенд во придружба на чувари од штипскиот затвор откако се забавувал во повеќе локали во центарот на Охрид, каде исто така предизвикал помали проблеми, во кабаре на улицата „Партизанска“, заедно со уште едно лице физички нападнал турист од Австралија. Причина за тепачката што се случила ноќеска десетина минути пред два часот, според полицискиот извештај, било недоразбирање за столица од шанкот.
Во обид да го спречат физичкиот напад и да ги приведат нарушителите, интервенирале двајца полициски службеници од Полициската станица од Охрид, кои биле спречени во дејствувањето од 7 други лица кои биле во и пред кабарето, меѓу кои биле и чуварите на затвореникот, сите штипјани. Спречувајќи ги службените лица тие на еден од полициските службеници му нанеле тешка телесна повреда(скршеница на показалецот на левата рака), а на другите полицајци им ја искинале полициската униформа.
И покрај тоа, двајцата полициски службеници заедно со уште една екипа која брзо пристигнала на местото на нарушувањето на јавниот ред и мир, за кратко време, ги привеле сите лица учесници во тепачката. Тие денеска беа на распит во охридската полиција која најави дека по целосното расчистување на случајот, против нив ќе поднесе кривични пријави.