Во инспекција на Министерството за транспорт и врски затворени се 8 плажи на охридската ривиера.

Од Капетанијата Охрид, соопштија дека плажите не ги исполнувале безбедносните услови, односно капалиштата не биле соодветно обележани, а плажите немале ангажирано ниту спасители на вода на што се обврзани со закон. Времена мерка, забрана за вршење дејност им е изречена на плажите Извиднички центар, Младост, Евронационал, Пајнчар, Бовел, Бетон, Силекс и Корали.

Капетанот Љупчо Настоски, на прес конференција објасни дека на сите затворени плажи поставен е знак “Забрането капење“. Тој појасни дека сега нема да има други санкции за сопствениците на плажите кои имаат рок до понеделник да ги обезбедат капалиштата. Доколку не го сторат тоа ќе им бидат одземени концесиите истакна Настоски.

Тој додаде дека контролата на охридските плажи ќе продолжи и во наредниот период, а особено внимание ќе се обрати на почитување на одредбата од договорите за издавање под краткорочен закуп на плажите, според која маси, лежалки и други реквизити може да се поставуваат до  максимум 60 отсто од целокупната површина на плажата, додека останатите 40% треба да е слободен простор.

Ohridnews