Во периодот од 27 април до 3 мај, од страна на инспекциските служби реализирани се 3.086 надзори, во насока на целосно почитување на одлуките, мерките и препораките на Владата за заштита од коронавирусот КОВИД-19.
Државниот пазарен инспекторат реализирал 2.042 контроли, во трговски објекти на големо и мало во кои спаѓаат и угостителски објекти, аптеки, бензински станици, банки и пошти.
„Притоа од страна на пазарните инспектори се затворени вкупно 4 угостителски објекти во Битола, Тетово, Кочани и Кичево и се запечатени 5 кафемати во Битола, Гостивар и Македонска Каменица. При контролите извршени во Скопје, Тетово и Струга изречени се и 46 опомени за непочитување на одредбата за носење на маски во трговски објекти и банки“, информира претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.
Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство во периодот од седум дена спровеле вкупно 154 надзори во повеќе градови низ државата во маркети, угостителски објекти, месарници, производствени објекти, зелени пазари. Притоа се изречени 5 казнени мерки едукации и 12 решенија за констатирана лоша општа хигиенска состојба или не водење на записи за добра хигиенска пракса.
Ohridnews