Ерата на машините за пишување, главниот дел на канцеларискиот материјал во поголемиот дел од 20 век, е пред завршување бидејќи во Мумбаи во Индија последната фабрика за нивно производство била затворена. На залиха во фабриката останале само стотина машини. Иако тие во западните земји веќе одамна застареле, во Индија до неодамна сеуште претставувале вообичаен дел од канцелариската опрема. Меѓутоа, нивната побарувачка во последниве десет години значително опаднала, бидејќи корисниците се преориентирале на компјутери.


Претходно, освен оваа фабрика, сите останти запреле со производство во 2000 година. Од машините кои се наоѓаат на залиха повеќето се на арапски јазик. Фирмата започнала со производство во 1950 година, кога тогашниот премиер на Индија ја претставил машината за пишување како симбол за независност и индустријализација на земјата. Фабриката во деведеесеттите години од минатиот век сеуште продавала по 50 илјади примероци годишно, но минатата година продала помалку од 800 парчиња.