Синоќа во Вевчани, со етно звуците на Ансамблот на народни инструменти и песни „ Стефче Стојкоски“ од Скопје заврши Фестивалот на народна култура „ Пображење“, што се одржа по 5-ти пат. Организаторите, КУД „ Дримкол“ од Вевчани изразуваат задоволство од текот на фестивалот.
– Преображение Христово е голем празник кој сам по себе носи голема радост кај сите Вевчанци, а фестивалот за народна култура „ Пображење“ е само дополнение на таа радост, збогатување на културната и туристичка понуда на Вевчани, празник за очите и душата. Во Вевчани над 400 уметници во изминатите три дена презентираа изворен фолклор, еминентни стручњаци од оваа област истражуваа, сликари на наивна уметност сликаа, Вевчани беше центар за народна културата и традицијата. И не само изминативе денови, Вевчани било и ќе биде достоен чувар на оригиналното, автентичното, традиционалното, па токму од тука и овој фестивал ја имаа таа мисија да помогне во зачувување на културното наследство на Македонија и да овозможи мегдан за негово јавно презентирање во местото кое низ историјата само со култура и почитување на традиционалните вредности издвојувало многу битки и победи – вели Тошо Чочороски, директор на Фестивалот за народна култура „ Пображење“ – Вевчани.
Синоќа стручниот совет на фестивалот во состав: Проф. д-р Мирјана Мирчевска, етнолог, Проф. д-р Велика Стојкова – Серафимовска, етномузиколог, Проф. д-р Даворин Трпевски, етнолог, М-р Ивона Опетческа – Татарчевска, етнокореолог, Јовица Блажески, професионален играч и пеач , Наташа Кукоска, етнолог, ја доделија и наградата за најуспешна презентација на изворен фолклор на фестивалот, а Плакетата „ Чувари на изворната традиција“ ја освои ансамблот за фолклор „ Гоце Делчев“ од Битола.
OhridNews