За прв пат откако е премиер, Никола Груевски работно ја посети Општина Охрид и се сретна со градоначалникот Петрески. Најави владина помош во реализацијата на проектите кои се од големо значење за граѓаните. И Петрески вети кооперативност и изрази подготвеност да соработува со владата.

Само пред една недела охридскиот градоначалник остро ја критикуваше централната власт дека ја опструира работата на локалната самоуправа и дека процесот на децентрализација е речиси запрен. Што се случи за само една недела лутите политички ривали да ги променат мислењата еден за друг и дали е тоа така, ќе покаже времето.

Дали можеби затоплувањето на односите се должи на засилената дипломатска активност на американскиот амбасадор Рикер кој деновиве ја крстосува земјата во посета на општините? Или, можеби двете страни сфатиле дека соработката со политичкиот ривал е нужно зло за да се реализираат одредени значајни  проекти. Дали можеби зад неочекуваното подобрување на односите помеѓу владата на ВМРО ДПМНЕ и локалната самоуправа на СДСМ се кријат повисоки интереси, или навистина дошло до суштинска промена во размислувањата кај двете страни?

Што и да е Груевски и Петрески тоа вешто го скрија на заедничката прес конференција на која премиерот го имаше главниот збор. Вети помош за решавање на  проблемите кои локалната самоуправа ги има со јавните претпијатија, но и реализиција на капиталните проекти како што се доизградбата на Плаошник, изградбата на универзитетскиот кампус во комплексот на касарната, завршување на бул. „Железничка“, обновување на тендерот за продажба на локацијата кај Горица за изградба на елитен хотел и друго. Очекува општината да ги издаде потребните дозволи за тоа, за што доби позитивен одговор од Петрески.

Тоа официјално и беше соопштено на јавноста. Но, што и да се зборувало и договарало друго на  двочасовната средба во кабинетот на Петрески, истата навести пресвртница во односите помеѓу централната и локалната власт. И двете страни најавија дека ќе соработуваат во интерес на граѓаните. Тие ќе им веруваат онолку колку што ќе си го одржат ветувањето. А вчера ветија многу, а најмногу дека заеднички ќе работат и ќе си помагаат во реализација на најавените проекти.