Апелационен суд Скопје на 13 април следната недела треба да одржи седница за жалбите по првостепената пресуда за повторената постапка за случајот „Титаник 2, кој се однесува за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година во Општина Струмица.
Седницата на 30 март во Апелација беше одложена, бидејќи присутни беа само поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и поранешниот член на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, додека не беа присутни лидерот на ДПА Мендух Тачи и членовите на ДИК Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, кои судот констатира дека биле неуредно поканети.
Во меѓувреме кривичното дело на Мијалков за „примање награда за противзаконито влијание” застарува, бидејќи се поминати повеќе од десет години од денот кога е обвинет.
На Мијалков и натаму му се суди за „Трезор“ и „Таргет-Тврдина“, кои Апелација ги укина и ги врати на повторно судење.
Од предметите кои се водеа против Сашо Мијалков, тој доби ослободителна пресуда за „Тортура“, затворската казна од една година и три месеци за „Плацови на Водно“ му беше заменета за четири години условна, додека единствената правосилна затворска казна Мијалков ја доби за случајот „Империја“ во кој се спогоди со обвинителството. Тој одлежува три години, во затворот од отворен тип во „Струга“, откако ја промени својата адреса на живеење.
На 23 јануари годинава, Основниот кривичен суд ги прогласи за виновни и им изрече вкупна казна од 12 години затвор на обвинетите во повторената постапка за случајот „Титаник 2“, тогаш поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за стореното кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ судот го осуди на казна затвор во траење од две години, лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“ судот го осуди на казна затвор од две години, додека на поранешните членови на Државната изборна комисија Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев, судот за сторено кривично дело „повреда на избирачко право“, им изрече казна затвор од по две години.
Основниот кривичен суд во Скопје на 8 март 2019 година на обвинетите во случајот „Титаник 2“ им изрече вкупно 19 години и осум месеци казна затвор, но Апелациониот суд Скопје во ноември 2019 година, поради суштествени повреди на постапката, ја укина првостепената пресуда и случајот го врати на повторно одлучување.
Апелациониот суд Скопје во ноември минатата година ја укина првостепената пресуда за „Трезор“, а потоа во декември и за „Таргет-Тврдина“, и предметите ги врати на повторно постапување.
Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година за случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица.
На поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков Судот му изрече казна затвор од 12 години за кривично дело „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“.
Судскиот процес започна на 22 декември 2017 година против 11 лица. Во текот на постапката се одржани 53 рочишта, на кои се сослушано 123 сведоци, изведени 887 материјални докази и пет вештачења. Сослушани беа и голем дел од над 200 оштетени лица.
Апелациониот суд Скопје на 23 март годинава ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје во врска со случајот „Тортура“ и ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд Скопје.
Судечкиот совет на чело со судијката Александра Ристеска изрече ослободителна пресуда во предметот „Тортура“ за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот командант на полициската единица „Алфа“, Ивица Анчевски – Пуки и петмината „алфи“, Новица Станковски, Петар Милошевски, Филип Атанасов, Јован Боцевски и Метуш Шабани. Според Советот, јавниот обвинител, Љубомир Лапе, не докажал надвор од основано сомнение дека тие се виновни за делото „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“.
Случајот се однесуваше на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по тогашните парламентарни избори.
Апелација во март годинава ја уважи жалбата на Мијалков за предметот „Плацови на Водно“. Првостепената пресуда од една година и три месеци затвор на Мијалков, му се заменува со алтернатива казна, условна осуда, која нема да се изврши ако тој не го повтори делото во следните четири години.
Во алтернативната казна на Мијалков – условна осуда е пресметано и времето кое тој го помина во притвор.
На почетокот на јули 2022 година Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција објави дека постигнало спогодба со Сашо Мијалков за предметот „Империја“. Мијалков призна вина за злосторничко здружување и противправно стекнување имот и доби три години затвор и да му бидат конфискувани пари и имот во вкупна вредност од 36 милиони евра.
OhridNews