Три лица се исклучени од сообраќај и времено им се одземени возачките дозволи поради управување автомобил под дејство на алкохол при акциските контроли на полициската станица за безбедност во патниот сообраќај реализирани викендов во Охрид.

– Полициската станица од сообраќај исклучи и две лица кои управувале автомобил без да стекнат право за управување моторно возило, односно без положен возачки испит. Во акциските контроли, сообраќајната полиција регистрирала и шест возачи на моторни возила кои ја пречекориле брзината на движење во населено место односно управувале автомобил со над 30 километри на час повеќе од дозволената. По тие основи, сообраќајната полиција издала платни налози за наплата на глоба, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Викендов, слични акциски контроли беа реализирани и во Струга каде не се затекнати возачи при управување моторни возила под дејство на алкохол додека вкупно четири лица управувале автомобил во населено место со поголема брзина од дозволената.

Од СВР Охрид потенцираат дека акциските контроли се реализираат со цел подигнување на безбедноста во сообраќајот, доследно почитување на одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и подигнување на степенот на безбедносна култура. Најавуваат дека вакви и слични акциски контроли и понатака ќе се спроведуваат кон сите учесниците во сообраќајот што ги кршат одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

– Во првите осум месеци од оваа година, бележиме намалување на бројот на сообраќајните незгоди и бројот на жртви. Во периодот јануари-август годинава, во Охрид се случиле вкупно 216 сообраќајни незгоди во кои две лица ги загубиле животите додека во истиот период лани имало 220 сообраќајни незгоди со четири жртви, вели Димоски.

Од СВР Охрид со повик до учесниците во сообраќајот на целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и максимален придонес од сите учесници за поголема безбедност и сигурност во сообраќајот.

OhridNews