Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи, вчера спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Охрид и Струга, при што се санкционирани 179 (95+84) возачи.

Засилени контроли беа спроведени и во петокот кога беа изречени 115 казни во Охрид и Дебар.

Во најголем број казните се за нерегистрирани возила, возење без возачка дозвола, исто така и возење под дејство на алкохол, информира портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Евидентно е дека се подобрува дисциплината на возачите, а со тоа се намалува и бројот на сообраќајни незгоди. Кога ќе ја направиме споредбата ноември 2020 со ноември 2019, имаме значително намалување на бројот на сообраќајни незгоди за 21%. Имаме исто така значително намалување на бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди за 36%, за дури 75% е намален бројот на загинати пешаци во сообраќајни незгоди, а исто така евидентно е дека имаме и намалување во бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди и тоа за 47%. – истакна вчера во Охрид Ангеловски.

Денеска, пак, во Кичево за повеќе од два часа изречени се 50 казни на возачи. Како што најави портпаролот на МВР Тони Ангеловски, засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот  период. Тој апелираше до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.

OhridNews