Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, во ек на туристичката сезона, спроведоа вонредни контроли во хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе барови, во маркетите и во други објекти каде се подготвува, послужува или се продава храна во туристичките центри Охрид, Струга и Дојран. Спроведени се вкупно 124 контроли во 55 објекти при што се констатирани недоследности кои се однесуваат на нехигиена во објектите, неправилно декларирање на храната, нередовно вршење на задолжителните здравствено – хигиенски прегледи на вработените.

Со контролите утврдено е дека дел од операторите со храна немале уверенија за извршена обука од областа на безбедноста на храната и неуредно и нередовно воделе евиденција согласно пропишаните процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, информираат од агенцијата.
За констатираните недоследности издадени се 23 решенија за нивно отстранување, издадени се вкупно 36 покани за едукација, а изречена е и една парична казна. Како небезбедни уништени се 25 килограми храна (10 килограми мелено месо и 15 килограми пилешки стек).
Покрај вонредните, засилени контроли во туристичките центри, од страна на инспекциските служби зајакнати контроли се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места.
– Иако во моментов температурите не се екстремно високи, како одговорна институција за безбедноста на храната апелираме граѓаните да ги почитуваат препораките за консумирање на безбедна храна, да купуваат од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано безбедносните системи, а како одговорни потрошувачи да внимаваат и на означувањето на производите и на тоа каде и како истите се чуваат, потенцираат од агенцијата.

Во домаќинствата, исклучително важно е да се внимава на хигиената, подготовката на храната и нејзиното чување на соодветна температура.
Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните можат да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта [email protected].

OhridNews