На иницијатива на СВР Охрид, денеска во Oпштина Охрид се одржа работен координативен состанок со службите на локалната самоуправа, пазарниот општински инспекторат, трудова инспекција, инспекторат за туризам, јавните претпријатија како и претставници на хотелско-угостителските објекти.

Целта е поцелосно дефинирање на мерките и координирање на активностите со цел подобрување на севкупната безбедност во градот во пресрет на претстојните празници, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

На работната средба, претставниците на СВР Охрид и службите кои вршат дејности од јавен интерес, договорија интензивни засилени мерки со цел, Новогодишните и Божиќните празници во Охрид да поминат беспрекорно и без проблеми на безбедносен план. Беше договорена тимска работа и ажурност, меѓусебна координација и зголемена мобилност на заедничките тимови за поефикасно делување на целото подрачје, вели Димоски.

Ваква координативна средба, додава, СВР Охрид ќе оствари и со Агенциите за обезбедување кои, согласно Законот за обезбедување имаат надлежности при физичкото обезбедување на објектите во градот со цел одговорна и доследна примена на нивните овластувања.

Од агенциите ќе се бараат ажурирани безбедносни оперативни планови и прецизни прегледи на угостителските објекти со кои имаат склучено договори за обезбедување во текот на претстојните Новогодишни и Божиќни празници како и информации за одредени безбедносни согледувања и проблеми на терен кои можат да влијаат врз степенот на безбедноста на подрачјето, додава Димоски.

OhridNews