Локација во близина на стариот отпад, објектот на стариот авто-сервис на улицата „Кленоец“ , поранешниот „Тафтинг“ кај чинарот во Горна влашка маала, карабината до управната зграда на Општата болница и поранешниот објект на МРТВ зад „Скалестата зграда“, се локациите за кои од страна на надлежните е утврдено дека се собиралишта на наркозависници. Овие места на кои се врши препродажба на опојни дроги, во заедничка координирана акција, од страна на надлежните во иднина ќе бидат под засилен мониторинг, а ќе бидат преземени и мерки со кои би се спречило понатамошното собирање на овие лица на наведените локации.
Ова е заклучено на одржаниот состанок на претставници на секторите за образование, комунални дејности при Локалната самоуправа, одделот за превенција при СВР, урбаните заедници и дел од невладите организаци.
Од страна на вработени во СВР ќе се вршат зачестени контроли, невладиниот сектор има задача да ја анимира пошироката јавност, а локалната самоуправа во рамки на своите ингеренции треба да обезбеди осветлување на локациите и засилено присуство на инспекциските служби.
Претставниците на урбаните заедници сметаат дека е неопходно да се изврши дислоцирање или отстранување на напуштените објекти кои сега се користат од страна на наркозависниците. Во таа насока, наскоро ќе се одржи средба со сопствениците на напуштените објекти и со граѓаните кои живеат во близина, со цел навремено пријавување доколку дојде до собирање на лицата во објектите.
OhridNews