Заштитата на Охридското Езеро треба да се најде на агендата на светските организации за заштита на природното наследтво, беше истакнато на отворањето на тридневната меѓународна конференција за Интегрирано управување со заеднички езерски басени, што денеска започна во Охрид.
Коорганизатори на оваа работилница се Глобалното партнерство за води на Медитеранот, Медитеранската информативна канцеларија за животна средина, култура и одржлив развој, во соработка со проект „Интегрирано управување со екосистемите во прекуграничниот басен на Преспанските Езера, Албанија, Македонија и Грција“.
Од име на градот Охрид, учесниците на конференцијата ги поздрави градончалникот, Александар Петрески.
Покрај главната тема Управувањето со водите во прекуграничните езерски басени ќе бидат разгледани можностите за директна примена на Рамковната директива за води на Европската Унија која МЖСПП во целост ја вгради во Законот за води, кој ќе стапи на сила во 2010 година, но и Конвенцијата за заштита и користење на прекуграничните води и меѓународните езера на Економската комисијата на Обединетите Нации за Европа.