Завршија предвидените работи од првата фаза на непосредна заштита при реализација на Конзерваторски проект за конзерваторско – реставраторски работи на архитектонски објект на ул. „Партизанска“ бб Струга, информираат од НУ Завод и Музеј Охрид.

Стариот оштетен кров се демонтира и по извршена статичка пресметка се поставија нови кровни елементи. Се постави нов патос од даски, од внатрешната страна се постави термоизолација од минерална волна поставена меѓу роговите кои се затворија со гипсено картонски плочи. Над дасчениот под се постави паропропусна фолија, летви и завршено е со ќерамиди од тип каналица – медитеран. Поставени се нови хоризонтални и вертикални олуци, обработена е оштетената декоративна стреа на објектот, а исто така се заменаа и оштетените прозори со нови дрвени кружни прозорци, велат од Установата.

Додаваат дека објектот е класичен претставник на градската архитектура од почетокот на XX век и датира од 1934 година кога е изграден од италијанската војска како царински терминал.

Од 1945 – 1952 година бил воена команда на ЈНА. Во 1953 година го презема туристичката агенција Турист и тогаш станува хотел Галеб – првиот хотел во Струга. После 1965 година го презема општината каде бил сместен претседателот на општината народна одбрана и други сектори. Денес го користат Министерството за одбрана и други институции, потенцираат од НУ Завод и Музеј Охрид.

Овој проект, велат, финасиски беше подржан од министерството за култура на РС Македонија, а се реализира преку НУ Завод и Музеј Охрид под раководство на диа Анита Пејчиноска Танеска.

OhridNews