Со засадување на 20 000 садници на 4 хектари површина во месноста „Мауцкер“ денеска и во Охрид ќе се спроведува граѓанската иницијатива „Ден на дрвото-засади ја иднината“ .

За граѓаните кои сакаат да земат учество  е обезбеден и превоз. Четири автобуси, почнувајќи од 8 часот ќе поаѓаат од  пред охридската гимназија и ќе ротираат на секои два часа се до 14 часот.

Засадувањето дрвца има единствена цел да создаде поздрав и поубав амбиент за живеење. Во Македонија ќе бидат засадени околу 6 милиони садници, или, три пати повеќе од првото засадување на 12 март годинава.

Во акцијата ќе учествуваат Владата, Заедницата на единиците на локалната самоуправа, училиштата, јавните претпријатија, приватните компании, медиумите, невладините организации и граѓаните без оглед на нивната политичка, верска или друга определба.

Заради поголема масовност Владата го прогласи денешниот ден за неработен за институциите кои се под државна капа. Овој ден тие ќе го одработат в сабота на 22 ноември.

Приватните фирми и компании имаат можност  сами да одлучат дали денеска ќе работат или овој ден ќе го одработат в сабота.

Општинската администрација нема да работи денеска, а според најавите оттаму, градоначалникот Александар Петрески претпладнево ќе засади дрво на „Мауцкер“. Се очекува и министерот за финансии Трајко Славески да биде дел од акцијата.

A.Р.