Во кинеското село Зисициаоу луѓето се во огромно малцинство во однос на змиите. На секој жител во ова место имало по 3000 змии. Селото кое со три милиони змии е внесено во Гинисовата книга на рекорди не се жали за овој податок, бидејќи токму змиите на сиромашното село му донеле мултимилионски профит. Се започнало кога Јанг Хонгчанг како момче се излекувал со „змиски лек“. Воочувајќи го тоа и бизнис можноста, започнал да одгледува змии и набрзо  се збогатил. Останатите селани го следеле и денес ова село станало голема фарма за змии кои се чуваат во кутии, тегли…

За оваа работа е потребно големо знаење, бидејќи змиите отровници не се питоми животни и некои од фармерите веќе страдале од нив. Тоа посебно се однесува за кралицата меѓу змиите наречена „змија од пет чекори“, бидејќи после нејзиното каснување човекот може да направи најмногу пет чекори. Но за селаните, тоа не е проблем, бидејќи производите од нив, кои ги продаваат за прехрана или лекување, во вид на сируп или прав, им носат профит на кинескиот, но и на пазарите на Јапонија, Јужна Кореја, Германија и САД.