Стенли Колорит, четириесетгодишник од Флорида, кој себеси се нарекува Барби-мен, популарните кукли започнал да ги собира пред повеќе од 15 години, а годишно за својата колекција троши 30 000 долари.

Четири соби и купатилото во куќата на Стенли Колорит на Флорида се претворени во мали храмови кои и оддаваат чест на популарната кукла Барби. Освен 2000 барбики и 1000 кенови, од кои некои се модели вредни и до илјада долари, Колорит чува и облека за куклите вредна 3000 долари. Во неговата колекција е и облека која ја креирал Оскар Де Ла Рента, а исто така има и авион, мотор, лимузина и камп приколка за кукли.

Колорит, сопственик на мала компанија за чистење вели дека неговата страст започнала со една кукла, но за него Барби не е играчка, туку колекционерска страст.
Првата барбика ја купил во 1997 година, оттогаш купува барем 20 месечно, патролирајќи низ продавници за играчки, аукции и барајќи драгоцени пластични убавици на и-бај.

-Се сеќавам дека ја видов својата прва барбика и помислив дека е многу убава. Веднаш ја купив. Денес купувам се што е поврзано со нив, дури и нејзина паста за заби и часовник со нејзиното лице, вели Стенли.