Почнувајќи од денеска па се до 15 октомври годинава,  Здравствениот дом – Охрид ќе спроведе бесплатни лекарски прегледи за невработени лица од Охрид.

Со проектот ќе бидат опфатени 130 невработени лица од општинава на возраст од 25 до 55 години. Прегледите ќе ги вршат лекари специјалист на трудот. Покрај  стандарден лабораториски преглед на крвта и урината, ЕКГ на срце,  ќе биде  применуван и прашалник за евалуација на стрес.

Заинтересираните невработени граѓани термин за преглед   можеа да закажат  во службата на медицина на трудот или во Агенцијата за вработување. За  прегледите не се потребни документи, ниту пари, а на оние кои закажале термин им се препорачува, вечерта пред прегледите,  да го изедат последниот оброк најдоцна до 20 часот.

Носител на програмата за бесплатни прегледи на невработените е Министерството за здравство на Република Македонија, а таа ќе се реализира во шест градови во државава, во соработка со службите за медицина на трудот и Агенциите за вработување.
  
Според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност во Република Македонија  изнесува  36, 1 отсто. Во вториот квартал од 2006 година се пријавени  319 316 невработени лица.

ohridnews