Првиот уписен рок на Универзитетите во Македонија ќе се одржи денеска и утре.

Во учебната 2009/2010 година има место за 23 558 бруцоши. На шеесет и три факултети на петте државни универзитети се предвидени 14 578 места за редовни студенти, во квотата со кофинансирање се обезбедени 6208 слободни места, како и 2772 слободни места за студентите кои вонредно ќе ја следат наставата.  

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ –  Скопје располага со 10 626 слободни места за бруцошите., додека на универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, има  3507 слободни места на единаесет факултети.  Од тоа 410 места се резервирани за Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.

Идните бруцоши на ФТУ можат да бираат помеѓу пет студиски програми: туризам, осигурување, хотелско ресторанска насока, царина и шпедиција и гастрономија. И во новата академска година факултетот ќе има дисперзирани студии во Велес.

Според објавениот конкурс, ФТУ -Охрид во редовната државна квота ќе запише 160 студенти кои ќе партиципираат со по 200 евра. Во редовната квота со кофинансирање во висина од 600 евра ќе можат да се запишат 200 студенти, а вонредно ќе можат да студираат 50 студенти. За тоа тие ќе треба да одвојат од 600 до 1000 евра.

Од октомври со работа стартува и новиот Универзитетот за информатички технологии во Охрид. Оваа година предвидени се само 125 слободни места на пет факултети во квотата за редовни студенти.

Уписите денеска започнуваат и на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип каде има 4940 слободни места за идните академски граѓани.

Прелиминарните резултати од пријавувањето ќе бидат истакнати на 21 август. Вториот и третиот уписен рок ќе се одржат на 3 и 4, односно на 16 септември.

Ohridnews