На првиот ден од пролета и меѓународниот ден на шумите, започнува првиот еколошки пост во Македонија.

Во последните неколку години нашата земја е погодена од екстремни временски услови-поплави, суши и поројни дождови со зачестени електрични празнења. Јавниот простор вонашите градови е речиси непостоечки, а квалитетот на живот во градот значително намален. Нашата земја губи 3000 човечки животи годишно поради загадениот воздух! Промената во сезоните и климатските услови влијае на биодиверзитетот во земјата кој е под дополнителен притисок од инфраструктурни проекти. Нашата храна е под закана од уништениот биодиверзитет и пренамена на првокласното земјоделско земјиште и најплодната почва во земјата за индустриски зони. Граѓаните на нашата земја немаат повеќе време за меѓусебно обвинување, ниту имаат време да чекаат некој друг да ни ги поправи работите. Затоа започнуваме со дваесет дена еколошки пости. – велат иницијаторите на еко-постот, невладината Еко – свест.

За време на еко-постите ќе се пости од користење автомобил, од купување производи во пластика и многу амбалажа, од шопинг со пластични ќесиња, истакнуваат иницијаторите на необичната акција.

За време на 20-дневниот пост ќе одиме пеш и со велосипед, ќе одиме во шопинг со платнени торби, ќе си го носиме со нас реупотребливото шише или термос за вода, ќе штедиме струја, ќе садиме многу медоносни растенија и зеленило на балконите и во нашите дворни површини, ќе штедиме вода, ќе јадеме сезонска храна која е одгледана во нашата земја и креативно ќе го реупотребуваме пластичниот, стаклен и текстилен отпад. – најавија еко-активистите.

На еколошкиот пост се поканети политичките лидери, законодавниот дом, судиите, министрите и градоначалниците.

Нека ги употребат еколошките пости да преземат активностиза носење и спроведување на правилни политики со кои ќе ни овозможат чиста животна средина и безбедна иднина. – рекоа од Еко – свест.

OhridNews