Со цел стимулирање на социјалната интеграција на невработените и подобрување на нивните квалификации за идно вработување општина Охрид, согласно годишната програма на одделението за локален економски развој за 2015 година распиша конкурс за спроведување на бесплатни курсеви за 20 невработените лица од следниве стручни профили: готвачи, шивачи, заварувачи и машинисти -фини подесувачи на машини. Со курсевите ќе бидат опфатени по 5 лица од секоја од наведените стручни профили.

Право на пријавување за овие курсеви имаа лица кои се евидентирани како невработени лица во Агенцијата за вработување кои активно бараа работа.

Обуките за шивачи, заварувачи и фини подесувачи на машини започнуваат денеска и ќе се спроведуваат од страна на ОЈУ „Кузман Шапкарев“, а обуките за готвачи ќе се спроведуваат од страна на Факултетот за туризам и угостителство Охрид и ќе започнат на 29-ти октомври 2015 година.

Целта на спроведувањето на обуките е подобрување на профилот на работниот кадар, зголемување на искуството и професионалните вештини, како и полесна вработливост на граѓаните. Изборот на стручните профили беше направен врз база на претходно спроведена анализа за побаруваните занимања во поглед на различните образовни профили и степенот на образование.