Од 7 август до 7 септември, ќе се одржи второто издание на алтернативното културно-забавно лето „Културолошка иницијатива 5 до 12“.
По многубројни консултации со Центар за јавно здравје Охрид, Општина Охрид и Државен Пазарен Инспекторат, сите настани кои се дел од оваа програма се испланирани и подготвени така што организаторите, публиката и учесниците на овие настани да не бидат изложени на никакви ризици на овој проект. – велат организаторите.
Програмата започнува на 07.08.2020 од 19ч со настанот на охридскиот Скејт-парк „Free Spirit Day” – ден на скејтери, бајкери, блејдери.
Од организацијата порачуваат дека најважно од сѐ е здравјето, безбедноста и одговорноста и со тоа ги повикуваат сите оние кои ќе ги посетуваат настаните на К.И. 5 до 12 оваа година, строго да ги почитуваат мерките за заштита од невидливиот непријател КОВИД-19 и да бидат совесни граѓани.
Во програмата се најавени повеќе работилници за актерска игра, фотографирање, танцување, сликање, како и староградска пловидба со кајчиња со Ансамбл Билјана, Поетско читање во Кафе Бар Шила „Имам нешто да ти кажам“, промоција на збирката раскази „Неми филмови“ на Димитар Димоски, Едриличарска Регата за класа оптимист, проекција на краткометражен анимиран филм на Александар Илиевски – „Клима“, изложби на фотографии и цртежи изработени од работилниците, #ЕcoPress трибина со Чист Охрид и К.И. 5 до 12.
Како најголем настан за овогодинешната програма, К.И. 5 до 12 го најавуваат тридневното летно кино со автомобили, настанот Drive-in Cinema – Film Flow, кој ќе се случи на 14ти, 15ти и 16ти август на големиот паркинг НЕМО, Горица 3.
OhridNews