Партиите потписнички на политичкиот довор од Пржино, денеска ќе ги продолжат преговорите по точките утврдени со договорот. На маса ќе бидат ставени пречистувањето на избирачкиот список, предлогот за активната регистрација, гласањето на дисјаспората и другите делови од изборниот законик.

Засега е најасно дали има било какви доближувања во ставовите по наведените точки, но јасно е дека е потребен политички компромис за да реализира договорот, дотолку повеќе што во него се наведени прецизни рокови. Копјата се очекува најмногу да се кршат околу специјалниот јавен обвинител кој треба да ги истражи наводите изнесени во аферата со прислушкувањето. Според политичките аналитичари, токму ова прашање е клучно за понатамошната разврска на политичката криза во земјата, но тие не се убедени дека власта и опозицијата лесно ќе се договорат кому да му биде доверена големата одговорност. Засега не се знае ниту како ќе функционира специјалниот јавен обвинител, кои и какви ресурси ќе има на располагање. Оттаму, сметаат аналитичарите, ова прашање ќе биде вистински тест за политичката волја на преговарачките страни. Рокот за избор на јавен обвинител е 15 септември. Претходно опозцијата ќе треба да се врати во Собранието на 1 септември.

Политичката криза во земјава трае повеќе од една година. Таа започна со непризнавање на парламентарните избори од страна на опозицијата која оттогаш го бојкотира парламентот. Потоа беше отворена аферата со прислушкувањето. Опозицијата објави стотици телефонски разговори, од илјадниците за кои тврди дека постојат, и кои ја компромитираат власта со разни скандали. Власта, пак, ја обвини опозцијата за велепредавство и соработка со странски разузнавачки служби, а јавното обвинителство во рамки на акцијата „Пуч“ покрена обвинение против лидерот на СДСМ Зоран Заев, некогашниот прв разузнувач Верушевски, како и против неговата сопруга и уште неколкумина разузнувачи и лице вработено во општина Струмица. Во меѓувреме паднаа и првите политички оставки. Од владата истапија министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески, а оставка поднесе и директорот на УБК Сашо Мијалков.

Објавувањето на серијата снимени телефонски разговори поттикнаа серија протести, кои кулминираа со голем граѓански собир пред владата на 17 мај во Скопје поддржан од повеќе граѓански здруженија и опозцијата, по што уследи одговор од владејачката ВМРО ДПМНЕ која следниот ден организираше голем народен собир пред Собранието. Пред владата и собранието никнаа кампови на слободата и на чуварите на демократијата, кои неодамна беа „затворени“.

Јавноста е поделена по однос на политичката криза во земјата. На тоа укажуваат и резултатите од анкетата што за свои потреби во екот на политичката криза, па се до неодамна ја реализираше нашиот портал, а во која се сублимирани одговори на читателите.

Во меѓувреме специјализираните агенции за испитување на јавното мислење, спроведоа неколку теренски анкети, кои го отсликуваат моменталното расположение кај граѓаните. Според  анкетата на угледниот Американски републикански институт (IRI) со седиште во Вашингтон, објавена во јули,  владејачката ВМРО-ДПМНЕ има убедлива предност пред СДСМ. На прашањето за која партија би гласале доколку утре се одржат парламентарни избори вкупно 23 отсто од граѓаните би ја дале својата поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, 11 отсто би гласале за СДСМ, за ДУИ би гласале 7 а ДПА 3 отсто.

ИРИ ја објави и сондажата на јавното мислење во врска политичката криза. Триесет и пет отсто од граѓаните кои учествувале во анкетата на Меѓународниот републикански институт (IRI) сметаат дека решение за кризата е оставка на премиерот, 30 отсто се за враќање на опозиција во Собранието, додека 27 отсто сметаат дека формирање на техничка влада е решение за кризата. 

Според резултатите, 34 отсто од испитаниците сметаат дека прислушувањето го вршеле странски тајни служби, еден процент помалку сметаат дека прислушувала Управата за безбедност и контраразузнавање, а за 31 отсто и двете опции се во игра. 

Дури 52 отсто од испитаниците сметаат дека нивните приватни разговори не се безбедни и дека е можно да ги прислушуваат други лица.

Поттикнати од објавените бројки, главните партии на македонската политичка сцена, кои со посредство на меѓународната заедница седнаа на преговарачка маса за решавање на длабоката криза, што треба да се заокружи со предвремени избори следната година, веќе започнаа активности на терен. Премиерот Груевски речиси секојдневно е во посета на некој регион во земјава каде ги промовира владините проекти, а опозцијата одговора со прес конференциите на кои ги критикува политиките на власта. Иако со договорот од Пржино се поставени прецизни рокови за реализација на мерките за излез од политичката криза, вклучително и датумот за предвремени парламентарни избори, април 2016, очигледно е дека партиите веќе влегоа во кампања. Останува уште да се види што од договореното и ветеното пред граѓаните и меѓународната заедница ќе реализираат и каков епилог ќе има разрешницата на актуелната длабока политичка криза.

Г.М.

Следно анкетно прашање: Што мислите за засадувањето на палми во Охрид?