Изградбата на новата трибина на стадионот „Билјанини извори“ е при крај, а во соработка со Фудбалскатата федерација утре ќе започне уредувањето и на фудбалското игралиште.

Со ова ќе се задоволат сите стандарди да бидеме добри домаќини на спортските клубови и репрезентации. Ова дотолку повеќе што за прв пат од постоењето на нашата држава во Охрид ќе се играат квалификациони натпревари за Светско првенство во фудбал за играчи до 21 година. Прв натпревар ќе биде тој помеѓу фудбалската репрезентација на Македонија и репрезентацијата на Србија на 7 септември, вели во изјава за OhridNews директорката на ЈП „Билјанини извори“, Гордана Јованоска.

Спортските терени на СРЦ „Билјнини извори“ се користат преку цела година. Најмногу ги користат домашните клубови, како и школите за деца од Охрид, но не изостануваат и подготовките на клубовите од соседството.

Фудбалскиот стадион за подготовки и натпревари го кориси ГФК „Охрид Лихнидос“, како и ФК „Воска“, но и шесте школи за деца, додека спортската сала ја користат женскиот и машкиот ракометен клуб од Охрид, како и кошаркарскиот клуб од Охрид  во текот на целата година. Но, кога зборуваме за припреми тогаш овие терени се многу поатрактивни за странските клубови, особено за фудбалските клубови од соседна Албанија, Србија и од Косово. Во последно време и за нашите фудбалски клубови како Работнички, Шкендија, Шкупи, Вардар, како и Ренова која веке со години ни е традиционален гостин на спортските терени. – истакнува Јованоска.

Во текот на летниот период особено сега на крајот на август и почетокот на септември се одржуваат и спортски кампови, на кои учествуваат подмладоци од познати фудбалски школи од регионот.

Се надевам дека нема да дојде до ескалациија на ситуацијата со Ковид 19, затоа што се планира камп на Динамо Загреб, а во план е и камп на Црвена Звезда. – додава Јованоска.

Н.С.Ј.