Под мотото „Нурни длабоко“, вечерва во Струга ќе започне третото издание на фестивалот за процесирање култура „ДримОН“.

Фестивалот ќе се одржува на Летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ и ќе стартува со Readymade работилница, по што ќе следува дебата и изложби на Наталија Башоска, Никола Матоски и Викторија Попоска. Првиот фестивалски ден ќе заврши со филмската проекција „The Hip Reality Overdrive“ на Јане Алтипармаков и концерт на PMG Kolektiv.

Во рамки на наредните фестивалски денови ќе бидат организирани работилници за изработка на текстил, промоции на книги, работилница за танц, модна работилница, претстави, предавања, видео и музичко-поетски перформанси, а во склоп на фестивалот ќе се одржи и петдневен Саем на книга и Базар на уметнички производи.

Фестивалот е еден од најкрупните проекти на младите струшки уметници, културни работници и писатели, членови на здружението „ИНКА“ кое е формирано во 2013 година во Струга. Мисијата на „ИНКА“ е да ја зајакне свеста кај граѓаните за позитивното влијаније на културата и уметноста врз колективниот квалитет на живот.

OhridNews