За трагедијата што се случи на 5-ти септември 2009 година, во која животот го загубија петнаесет бугарски туристи, обвинети се капетанот на бродот Сотир Филевски и хрватскиот државјанин Бранко Бајиќ, претставникот на осигурителната компанија „Лојд“, која го вршеше техничкиот преглед на пловните објекти на Охридското Езеро во периодот кога се случи несреќата. Тие се товарат за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Бајиќ не добил судска покана, поради што е неизвесно дали тој денеска ќе се појави во Охрид од што зависи и одржувањето на првото судско рочиште.
Истрагата за бродската несреќа во која беа вклучени екперти од земјава и странство траеше повеќе месеци, а како најверојатна причина за несреќата се посочува механички дефект, кој го дестабилизирал бродот, а патниците ги зафатила паника, што придонело тој да потоне за само неколку минути. Во моментот на несреќата на „Илинден“ имало 53 патници, туристички водич и двајца членови на екипажот кои заедно со посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“ кои веднаш пристигнале на помош, успеале да спасат голем број животи. За храброста спасителите беа одликувани од општината Охрид и бугарската држава.