Првата фаза од проектот за заштита на Студенчишкото блато започнува денеска. Со механизација ќе се расчистуваат деградираните делови од блатото каде во изминатите години се наталожени над 2000 метри кубни шут и друг цврст  отпад.

Проектот кој заеднички го реализираат Ohridnews и Македонското лимнолошко друштво со поддршка на Министерството за животна средина, има за цел преку конкретни активности на терен, стручни истражувања, презентација и јавни кампањи да изврши влијание кај пошироката заедница и надлежните институции на локално и централно ниво за значењето на Студенчишкото блато за еко системот на Охридското Езеро, чиј составен дел е. Со овој проект предвидено е и утврдување на сегашните реални граници на блатото, како основа за идни активности за заштитата на оваа природна реткост и утврдување на насоките на одржлив развој.



Намалувањето на блатата последниве децении завзема загрижувачки размери. Многу растителни и животински видови и нивниот биодиверзитет се наоѓаат во опаѓање или пак се под закана од уништување.  За Охридскиот регион особено е важно Блатото “Студенчишта”, бидејќи тоа е валоризирано како природен феномен сочуван со милениуми и како таков има посебно значење.  Во изминатиот период, иако е во непосредна близина на градот Охрид, Блатото се повеќе се уништува. Тоа постанува незванична депонија на градежен шут и индустриски отпад, делови  од Блатото се претворени во обработливи земјоделски површини,  направена  е и локална патна мрежа, а комуникацијата на Охридското Блато со Езерото е прекината со непланската  изградба на асфалтната пешачка патека помеѓу каналот Студенчишта и х. Парк. Ако се земе во предвид податокот  дека поранешната површина на Блатото била околу 40 хектари очевидно е колкава површина од Блатото е деградирана, велат лимнолозите.


Уништувањето на дел од Блатото доведе до исчезнување на претставниците на реликтната блатна вегетација, а на  некои растенија, како на пример белиот локван  и водениот троскот, кои порано се среќавале во Блатото се во опасност од исчезнување.


Со отстранување на еден дел од цврстиот отпад и шутот од најзагрозените делови на блатото, се отвора можност за природна ревитализација на ова значајно живеалиште на ретки видови флора и фауна. Токму една ваква конкретна акција треба да биде всушност почеток на една поголема иницијатива за заштита на охридското блато и рекреативните зони околу него, што несомнено треба да биде предмет на поширока акција во континиуитет. Со отпочнување на една ваква кампања во голема мера ќе се спречи понатамошна деградација на просторот и ќе се обесхрабрат несовесните граѓани и компании да продолжат со одлагање на најразличен отпад на просторот на блатото кој физички граничи со водената површина од каналот кој се слева во Охридското Езеро. Со тоа ќе се спречи и загадувањето на Езерото преку понирање на штетните материи во водите на каналот Студенчишта. Исто така делови од тој простор од депонија, ќе се уредат и ќе се изгради мини ботаничка градина во која ќе бидат засадени автентични растенија кои растат во блатото, а исто така ќе се утврдат и релните граници на еко системот со што ќе се заштити натамошната деградација на просторот.

Ohridnews