Со развојот на туризмот и комерцијализацијата на јавните површини, пред се на плажите, дел од охридското крајбрежје подолг период, а особено во текот на летото,  е жртва на човековата негрижа. Се поголемиот број посетители на јавните или комерцијализирани плажи, нивната слаба организиораност, ниската еколошка свест и неодговорниот однос кон животната средина, слабиот капацитет на институциите и неможноста физички да се покрие и контролира активен крајезерски појас од околу 50 километри, сериозно го загрозуваат природниот баланс на  Охридското Езеро. Со тоа сериозно се доведува во прашање концептот на одржлив развој, како единствен начин на ползување на природните добра кој е во интерес на човековиот прогрес и опстанок.

Не е поштеден ниту  крајезерскиот појас кој потпаѓа под Националниот парк “Галичица“ на што сериозни забелешки упати и УНЕСКО под чија заштита е природното и културното богатство на  Охрид. Деградацијата на охридското крајбрежје е најголемиот минус кој Охрид и Македонија го добија од УНЕСКО, и најголема закана по статусот на Охридското Езеро и Охрид како заштитени светски зони.

На проблемот со цврстиот отпад и неодговорниот однос на човекот кон природата укажуваат и од јавното комунално претпријатие од Охрид. Во летниот период јавното комунално претпријатие од Охрид  дневно подига по 60 тони отпад, што е двојно повеќе отколку во останатиот дел од годината. Голем дел од отпадот се фрла на несоодветни места на самите плажи за што говори податокот дека ЈП “Охридски комуналец“ во акциите за генерално  чистење на плажите по завршувањето на главната туристичка сезона собира до 20 тони најразличен цврст отпад од плажите. Најзагрозени се деловите каде има најголема фреквенција на луѓе – популарните плажи, но и некомерцијализираните плажи каде исто така несоодветно се одлага цврстиот отпад. Статистички дневно еден жител во просек прави од 0,7 до 0,9 килограми отпад, а во Охрид во летната туристичка сезона покрај 50-те илјади жители има и по 30.000 туристи, кои најголем дел од времето го минуваат на плажите.

Покрај грдата слика на која постојано  предупредуват странските посетители, многу посериозни се последиците по самата природа, бидејќи во зависност од потеклото, цврстиот отпад се разложува многу бавно  ( на пластиката и се потребни еден милион години), а последиците по флората и фауната се далекусежни.

Поаѓајќи од горе наведеното, првиот локален електронски весник во Македонија, Ohridnews.com, со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање отпочна проект за „Подигнување на јавната свест за заштита на плажите на охридското крајбрежје од цврст отпад“

Изработени се видео и аудио спотови кои ќе бидат емитувани на локалните медиуми, а на 10 најфрекфентни плажи од Студенчишта до Свети Наум ќе бидат поставени информативни табли со едукативна содржина. Во шпицот на туристичката сезона на една од охридските плажи  ќе биде организиран голем Еко-хепенинг со познати  водители од Охрид и ди-џеи кој ќе биде пренесуван во живо на охридското Супер радио.

Целта на Ohridnews.com е со реализацијата на овој проект да влијае на подигнувањето на свеста кај пошироката јавност дека природата е се што имаме, а плажите и Охридското Езеро добро, кое треба да го ползуваат не само сегашните туку и идните генерации.

Затоа да ги заштитиме плажите!

eko.ohridnews.com