Меѓународниот македонистички собир што се одржува  во рамките на манифестацијата 2008 – Година на македонскиот јазик ќе започне денеска во Охрид и ќе трае до 1 септември.

Основната цел на собирот е да се обединат македонистите од странските и домашните универзитетски и научни центри и да се афирмираат македонскиот јазик, литература и култура како посебен идентитет и придобивка за современата европска цивилизација. Со мошне инспиративни теми од областа  на македонскиот јазик и литература се пријавени 60 странски македонисти од катедрите за македонистика и славистика при универзитетите во Италија, Германија, Франција, Австрија, Кина, Руска Федерација, Белорусија, Полска, Чешка, Словачка, Словенија, Романија, Албанија, Бугарија, Хрватска и Србија, како  и 57 професори и научници од универзитетите во Македонија.

Излагањата ќе бидат со тематика од развојот и современата состојба на македонскиот јазик, литература и култура, како и од посебните тематски подрачја посветени на македонскиот јазик и македонската литература во 21 век, на достигнувањата на македонистиката и на споредбени теми.

Носители на овој значаен Македонистички собир се Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Институтот за македонска литература и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Покровител е претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.

Од презентираните трудови на овој Меѓународен македонистички собир ќе се објави зборник, кој ќе се дистрибуира до сите славистички центри во светот.

Ohridnews