Триесеттина познати уметници од земјава и светот ќе земат учество на осмата ликовна колонија „Вевчански видувања“, што ја организира угостителскиот бренд „Виа Игнација“.
Ликовната колонија „Вевчански видувања“ во изминатите години прерасна во респектабилна културна манифестација, чиј квалитет е препознаен во светски рамки. Најдобрите дела насликани од учесниците на колонијата се изложувани во странство, минатата година во април колонијата имаше изложба во „MC Gallery“ во Њујорк, САД, a оваа година изложбата ја посети Москва каде ликовните дела беа изложени во Универзитетот за уметност и дизајн.
Отворањето на колонијата е вечерва во 21 часот, а гостите ќе имаат извонредно ретка можност да уживаат во настапот на кралицата на шансоните Тереза Кесовија.