Ќе се спроведат неколку активности со цел да се приберат средства за набавка на храна која ќе им биде донирана на семејствата од Охрид и Дебарца.
Почнувајќи од утре ќе се врши продажба на талончиња со чие купување граѓаните имаат можност да донираат 20 денари за набавка на прехранбени производи. Веќе се испратени и писма до над 500 фирми во градот, на кои е назначена жиро- сметката на која сопствениците ќе може да уплатат дел од својата заработувачка, минимум 600 денари. Во акцијата се вклучени и дел од рестораните, кои дел од неделната заработувачка ќе ја донираат за помош на социјално загрозените семејства. Акцијата ја подржува и Лајонс клуб Десарети, чии членови донирале 28 прехранбени пакети.
Пакетите на семејствата ќе им се доделуваат по одреден редослед, а предвидено е да ги задоволи потребите на едно четиричлено семејство, во текот на месец и полвина.
– Свесни сме дека на овој начин нема трајно да го решиме проблемот, но барем ќе ги ублажиме нивните страдања, а наша цел е на овој начин да ја поттикнеме и свеста кај останатите граѓани со донации да им помогнат на овие семејства, велат од општинскиот Црвен крст.
На ниво на општина Охрид вкупно евидентирани се 850 социјално загрозени семејства. Нивниот број е поголем, велат од Црвениот крст, со оглед на тоа што има многу семејства кои ни се обраќаат, чии членови со месеци не зеле плата и буквално немаат што да јадат, а во Центарот за социјални грижи не се евидентирани како социјално загрозени семејства.