Свечената церемонија со којашто ќе се одбележи почетокот на работите за изградбата на грчкиот дел од Трансјадранскиот гасовод ќе се одржи денес во Солун, а најавено е присуството на грчкиот премиер Алексис Ципрас, министерот а животна средина и енергија на Грција, Панос Скурлетис, како и министрите за енергија на Азербејџан и на Бугарија, Натиг Алиев односно Теменушка Петкова, потпретседателот на Европската комисија, Марош Шевчович, и специјалниот пратеник и координатор за меѓународни енергетски прашања на американскиот Стејт департмент, Амос Хокстејн.

Гасоводот ТАП е последната фаза од Јужниот гасен коридор, наменет за транспорт на европските пазари на азербејџанскиот гас, кој ќе се произведува во рамките на втората етапа од развој на гасокондензатното наоѓалиште Шах Дениз од шкрилци во Каспиското Море, со потврден резерви од 1.200 милијарди кубни метри гас. Тој ќе се протега од турско-грчката граница преку Грција, Албанија, Јадранското Море до југот на Италија.

Договорот за изградба на ТАП беше потпишан во Атина на 13-ти февруари 2013 година, од страна на Грција, Албанија и Италија, за гасоводот на кој ќе биде приклучена и Бугарија, а во март годинава Европската комисија го одобри договорот. „Овој проект ќе ја подобри сигурноста и диверзификацијата на енергетското снабдување на ЕУ, без да се нарушуваат правилата на конкуренција на внатрешниот пазар“, објави тогаш ЕК. Во документот, исто така, беше наведено дека во проектот ќе бидат инвестирани 5,6 милијарди евра во следните пет години, од кои 2,3 милијарди евра се однесуваат на неговиот дел во Грција.

Со завршувањето на ТАП во 2020 година, азербејџанскиот природен гас директно ќе биде доставуван до европскиот пазар, и тоа ќе биде првпат Европа да го добива енергенсот од нов извор.

Преку овој гасовод се планираат извоз на 16 милијарди кубни метри природен гас годишно, од кои 6 милијарди во Турција и 10 милијарди гас во Европа. Вкупните потврдени резерви природен гас на Азербејџан изнесуваат 2.600 милијарди кубни метри.

OhridNews
извор Макфакс