Политичките партии во Македонија денеска ја започнуваат трката за гласовите на граѓаните. Со митинзи и средби во текот на дваесетдневната предизборна тие ќе се обидат да ја добијат наклоноста на гласачите пред одржувањето на првите предвремени избори во земјата.

Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ по традиција изборниот карван ќе го започне од Охрид, со митинг кој вечерва ќе се одржи на градскиот плоштад, а ќе ја заврши во Струмица.

Коалицијата „Сонце“ предводена од СДСМ, кампањата ја започнува во Штип, а ќе ја заврши во Куманово.

Најголемите албански паритии предизборната кампања ќе ја отворат со конвенции. ДУИ ќе стартува од Скопје, а ДПА од Гостивар.

Предизборната кампања ќе трае до 30 мај, а предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 1 јуни. Мониторинг на изборите ќе врши Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при ОБСЕ, а со 3500 волонтери изборите ќе ги набљудува и граѓанската асоција МОСТ.

Ohridnews согласно правилата, професионално и избалансирано ќе ги следи предизборните случувања. Освен настаните од поширок јавен интерес и партиските настапи во градот, кои ќе бидат третирани во дневните вести, останатите информации за активностите на политичките парртии, соопштенија, огласи, реклами  и други комерцијални содржини ќе бидат презентирани во посебната рубрика „Избори 2008“ која стартува од денеска. За условите на комерцијалната презентација сите заинтересирани политички субјекти можат да не контактираат на e-mail адресата [email protected].

ohridnews