Македонија ќе се вклучи во одбележувањето на глобална недела за акција 2009 што од денеска до 26-ти овој месец ќе се одбележува во светот.

Кампањата во нашата земја ја организира и координира Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ а нејзината цел е да се подигне свеста за вклучување на децата во образованието. За време на оваа акција, во училиштата низ целиот свет ќе се одржи Големо читање, кога децата ќе посветат еден училиштен час на читање приказни и дискутирање за значењето на образованието.

Учениците, наставниците, родителите и јавните личности ќе земат учество во читањето на приказните од Големата книга, како и на сопствените приказни за моќта на образованието.

Големата книга е создадена преку собирање неверојатни животни приказни раскажани од повеќе највлијателните личности во светот.

Годинава, своите приказни со целиот свет ги споделија Нелсон Мандела, Кралицата Раниа од Јордан (која е годинешна Почесна претседателка на Глобалната кампања за образование- Неделата на акција), Алис Вокер, Дакота Блу Ричардс, Пауло Коелјо, како и национални и интернационални јавни личности во Македонија, меѓу кои се поканети Коле Ангеловски, Борис Трајанов, Амернис Нокшиќи, Маргарита Цаца Николовска, амбасадорката на Холандија во Македонија, Симоне Филипини и многу други.

Ohridnews