Со музичко-драмски спектакл на Античкиот театар вечерва свечено ќе биде отворено јубилејното, педесетто издание на фестивалот ” Охридско лето”. Под диригентската палка на Михаил Плетнев, ќе нaстапат Рускиот национален оркестар и македонскиот виртуоз на пијано, Симон Трпчески. Во драмскиот дел десет од најдобрите македонски актери ќе изведат сегменти од театарски претстави кои биле изведувани на Охридско лето. Маестро Плетнев и режисерите на спектаклот Иван Попоски и Зоја Бузалкова најавија неколку изненадувања за публиката, но детали не се откриваат.

Во изминативе 49 години, Фестивалот „Охридско Лето“ се потврди како една од најзначајните културни манифестации во Република Македонија, а паралелно со тоа успеа да го одржи и чекорот со европските и светските културни текови и се вброи во елитата на најголемите и најзначајни Фестивали во светот, што го потврди и со членството во Асоцијацијата на елитните европски фестивали каде што е рамноправна членка веке 15 години.

Својот голем јубилеј – 50 години постоење, Фестивалот „Охридско Лето“ ќе го одбележи со исклучително богата уметничка програма со настани кои се очекува да предизвикаат огромен интерес во јавноста и посебно кај љубителите на музичката, театарската и друг вид уметности.

Охридско лето годинава ќе понуди 25 концерти, 13 театарски претстави, една балетска претстава и еден оперски гала-концерт. Локации на изведби ќе бидат Античкиот театар, црквата „Св. Софија“, Долни сарај, „Св. Јован Канео“ и Центарот за култура „Григор Прличев“.Фестивалската публика годинава ќе може да проследи настапи на солисти и на дуо-состави и 10 концерти на оркестри и камерни состави. На 30 јули во „Св. Софија“ ќе зазвучи виолината на Џулијан Рахлин од Австрија, во пијано-придружба на Итамар Голан од Израел. На 10 август ќе се одржи вечер во чест на Шопен, а во меѓувреме ќе настапат и гости од Швајцарија, Србија, Русија, Австрија, Албанија, Словенија, Германија, Египет, Унгарија и од Чешка.

Јубилејното издание ќе го одбележат и осум концерти на домашни музичари, како Македонската филхармонија со гости од Русија, Младинскиот камерен оркестар, Македонската опера и балет со солисти од Бољшој театарот од Русија.

Театарската програма на фестивалот ја сочинуваат осум домашни претстави и пет гостувања. Единствената премиера ќе дојде од Драмскиот театар од Скопје, кој ќе гостува со претставата „Хамлет“ во режија на Дејан Пројковски.