Комедијата „ На два стола“ во изведба на прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“, а во режија на Коле Ангеловски ќе го отвори Првиот меѓународен театарски фестивал  на комедијата „Охрид Арт фестивал“ што ќе се одржува од денеска до 27 јуни годинава.
 
“ Со овој фестивал сакаме да ја продолжиме туристичката сезона во Охрид, но и да го воздигнеме културниот дух кај граѓаните и туристите“, вели Зоран Стрезоски, член на Организациониот одбор на фестивалот.


Покрај комедијата „ На два стола “, публиката ќе има можност да ужива во комичните елементи на претставите „Покондирена тиква“ во изведба на театарот „ Бора Станковиќ “ од Врање, Србија и  „ Хотел Бабилон“ што ќе ја игра автономниот театар од Словенија. На фестивалскиот репертоар се и комедиите „ Сонлив нагон“ на Црногорскиот кралски театар „ Зетски дом“, како и „ Љубовта е посилна од мечот“, што ќе ја играат актерите од театарот „Вировитица“ од Хрватска.

Организатори на „ Охрид Арт Фестивал “ се Групацијата ЕРА, Скопски саем и Младинскиот културен центар од Охрид. Фестивалот е финансиски поддржан од охридските туристички работници, а меѓу медиумските покровители е и Охриднењс. Претставите ќе се играат во Центарот за култура „ Григор Прличев“ кој деновиве се реновираше.

OHRIDNEWS