Од 20 до 28 јули во Трпејца, по четврти пат, ќе се одржува културно- забавната манифестација „На зајдисонце“ 2015 . Според организаторите манифестацијата ја постигнува целта- раздвижување на луѓето во насока на развој на културниот туризам, а истовремено расте и интересот на гостите , токму за време „На зајдисонце “ да се во Трпејца.
На летната сцена „Кај бунарот“ новото издание „На зајдисонце “ во 20 и 30 часот ќе биде отворено со ликовната изложба на дела од академскиот уметник – графичар Павел Целкоски чии родители потекнуваат од Трпејца. Целкоски дипломирал и магистирал графика на Ликовната академија во Софија, Бугарија а гради и своја интернационална уметничка кариера. Во мигов живее и твори во Софија.Традиционално „На зајдисонце “ и годинава ќе настапи ансамблот „Билјана“ од Охрид. Младите музичари ќе направат пред промоција на деновиве снименото ЦД со стари и подзаборавени охридски и македонски песни и ора.
Во вторник 21 јули ќе започне Школата за пливање со професор Соња Думбалоска – Делова , а професор Габриела Неделкоска и годинава ќе ја раководи Школата за англиски јазик. Во вечерниот термин од 20 часот и 30 минути ќе биде прикажан документарниот филм „Тајните на Охридското Езеро“ а за сопствените најнови подвизи ќе зборува меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски од клубот „Амфора“ .
Во среда на 22 јули – вечерта ќе биде промовиран романот „Митуш“ кој во себе ја крие вистинската приказна за убавата Русе по потекло од Трпејца. Автор на книгата е Божана Атанасова – Митуш. Истата вечер со одбрана евергрин музика ќе настапат младите музичари: Филип, Климент, Лео и Игор.
Следниот ден – четврток, спроти зајдисонце ќе започне школата за цртање со која ќе раководи познатиот охридски уметник Слободан Пупиноски, а вечерта ќе продолжи во ист стил со културниот мост Охрид – Торното и најновото претставување на уметникот Мајкл Клос од Канада. Во рамките на воспоставената соработка со „Вевчанското лето“ Мајкл Клос на почетокот од август, годинава својата уметност ќе ја претстави и во Општина Вевчани,а Вевчани во Трпејца во петок на 24 јули ќе се претстави со промоцијата на „Вевчанскиот еротски буквар“ од Сашо Бетоски,а студентот по соло пеење на ФМУ Костадин Костоски од Вевчани ќе отпее неколку популарни оперски арии. Претходно, во петок започнува и Школата за шах која ќе ја раководи Борис Лушески од ШК „Ласкер“ од Охрид.
Во сабота на 25 јули претпладнето ќе се одржи традицоналната кајакарска регата „Номче Митрески„ а вечерта целовечерен настап ќе има КУД „Далги“ при Здружението на пензионери од Охрид и Дебрца. Ќе настапи и Детското драмско студио „Развигорче“ раководено од Ристана Мојсоска, одделенски наставник во пензија, исто така, при ЗП, а вечерта ќе биде отворена со изложбата на дела од школата за цртање „На зајдисонце“ .
Неделата, вечерта ќе биде резервирана за Концертот на Основното музичко училиште „Методи Патче“ – настанот е спонзориран од Фондацијата „Македонија 2025“ . Седмиот ден од манифестацијата „На зајдисонце“ ќе се одржи натпреварот – фаќање риба на јадица,а вечерта магистер Ленче Мојсоска, историчар на уметност во Завод и Музеј од Охрид ќе зборува за фрескоживописот на црквата Света Богородица Захумска.
На свеченото затворање на 28 јули – вторник ќе му претходи традиционалната прошетка по патеката Чоколско,а вечерта ќе биде прикажан играниот филм „Апостолите на словените – двајца браќа една животна мисија“ посветен на светите Кирил и Методиј. Со филмот всушност се воспоставува културниот мост помеѓу Прага и Трпејца.
Организатор на манифестацијата е Здружението „ За Трпејца со љубов“ со поддршка на Месната заедница и Црковниот одбор. Манифестацијата и годинава е под покровителство на Општина Охрид.
OhridNews