Со низа манифестации општина Охрид ќе го одбележи празникот Св. Климент – летен. Чествувањата започнуваат денеска  со изложба на 25 дела од интернационалната колонија „Дебрца“ во просториите на „Шпаркасе банка“. Изложбата започнува во 19.30 часот.

Одбележувањето продолжува утре, петок, со манифестацијата „Повели на поезија и музика, повели на парче душа“ со Љупчо Тодоровски – Упа, што ќе се одржи пред црквата Св. Јован Канео во 23 часот. Во прекрасниот крајезерски амбиент ќе настапат уште и вокалниот квартет „Пела“ од Словенија и Љубен Димкароски кој ќе свири на иснтрумент стар 60 000 години.

Дел од свеченостите ќе биде и хуманитарниот концерт „Хумано срце за сите“ што ќе се одржи во сабота, 7-ми август на плоштадот Св. Климент Охридски. Според најавите на организаторот, на концертот што ќе започне во 20 часот ќе настапат 15 музички ѕвезди. Истата вечер продолжува и манифестацијата „Повели на поезија и музика, повели на парче душа“.

Спроти празникот, во недела, во 20 часот во куќата на Робевци ќе биде отворена Изложба на уметнички дела на ѓ-ѓа Кочал – сопруга на градоначалникот на Јалова – Р.Турција. Половина час подоцна во дворното место на гимназијата ќе им бидадат доделени дипломите на матурантите од генерацијата 2009-2010.

На денот на празникот, 9-ти август во 10 часот  делегација на општината и институции ќе положат цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски на градскиот плоштад, по што во малата сала на општината ќе уследи потпишување на повелба за збратимување на Охрид со турскиот град Јалова.

OhridNews