49- тото издание на “ Балканскиот фестивал на народни песни и игри” започнува денеска .

Предвидени се настапи на ансамбли од Балканот, но и останатиот дел од Европа и светот. Ќе учествуваат  ансамбли од Турција, Србија, Црна Гора, Бугарија, Чешка, Австралија, Нигерија, Брегот на Слоновата Коска и од Македонија. Ансамблот „Танец” ќе го отвори фестивалот, а ќе настапат и ансамблите- „Пирин“ од Бугарија и „Мирка Митровиќ Јарац” од Србија.

Балканскиот фестивал за народни песни и игри го организира Центарот за култура „Григор Прличев” од Охрид, со поддршка од  Министерството за култура, а под покровителство на Собранието на Република Македонија. Влезот за петте фестивалски вечери  ќе биде слободен, а програмата ќе започнува во 21 часот.

 Инаку, Балканскиот фестивал на народни песни и игри, како Меѓународна фолкорна манифестација, е основана 1962 година. Првобитното име на фестивалот е “Охридски фестивал на аматерските ансамбли на народни песни и ора“. Свеченото отворање, за прв пат, се одржало на 20 јули 1962 година на градскиот плоштад. Од 1967 година Фестивалот добива концепција на него да учествуваат вокално-инструментални состави и солисти кои ќе го презентираат автентичното народно творештво и традиционалната култура низ ората, игрите, песните, обредите, обичаите, народните носии, инструментите што се употребуваат во музиката и ракотворбите.

OhridNews