Со концерт на познатата оперска дива Елина Гаранча од Латвија вечерва на Античкиот театар во Охрид ќе започне 56-то издание на фестивалот Охридско лето. Таа ќе настапи заедно со оркестарот на Македонската опера и балет, со кој ќе диригира Ион Марин од Австрија.

Според најавите, во рамки на програмата на овогодинешното фестивалско издание ќе бидат застапени преку 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од богатата кинематографска ризница на најстарата продуцентска куќа во нашата држава, „Вардар филм“.

По свеченото отворање на фестивалот, следуваат низа ексклузивни музички настани како што се концертите на виолинистите Максим Венгеров, Вадим Репин, Роман Симовиќ, пијанистите Фазил Сеј, Ана Винитскаја и концертот на легендарниот џез музичар Артуро Сандовал кој има освоено 10 Grammy награди, 6 Billboard награди и една Emmy награда.

Во рамки на програмата се и концертите на нашите македонски ѕвезди како Ана и Игор Дурловски и Љубиша и Маја Кировски, а како дел од програмата која е наменета за пошироката публика е настапот на перкашн ансамблот „СУДАР“ од Хрватска, кој што на уникатен начин вршат популаризација на ударните инструменти со иновативни проекти. На 4-ти август по повод роденденот на фестивалот концерт ќе одржи охридскиот виртуоз на гитара Дамјан Пејчиноски со своето трио.

Во рамки на овогодинешната фестивалска програма за прв пат ќе биде организирана „Летна академија“ во Охрид во чии рамки младите музичари од Македонија ќе имаат можност да бидат дел од семинарите предводени од големите музички легенди.

Оваа година Драмскиот дел од фестивалот ќе биде посветен на 400 годишнината од смртта на Вилијам Шекспир. Најавено е гостување на театри и режисери од Македонија, Туција, Романија, Словенија и Русија. Во рамки на програмата „Младо театарско Охридско лето“ која ги промовира младите театарски режисери и продукции од земјава и странство, оваа година ќе гостуваат Националнот театар од Букурешт и Народниот театар од Битола.

Затворањето на 56-то издание на фестивалот лето ќе биде со концертниот проект „На светов убавина“ од Горан Трајковски, во чии рамки ќе биде изведена театарска музика од последната декада.

OhridNews

Концерт за уживање најави оперската дива Елина Гаранча на отворањето на 56-то Охридско лето