Со натпреварите во мал фудбал помеѓу учениците од општинските основни и средни училишта, денеска во спортскиот центар „Климент Колески“ беше означен почетокот на овогодинешните Училишни спортски игри, кои ги организира Сојузот за училишен спорт.

Пред натпреварувачите и присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков кој рече дека ова е важна спортска манифестација, која ќе ги обедини учениците од нашиот град во повеќе спортски дисциплини и ќе има даде можност да го развиваат натпреварувачкиот дух, фер плејот и витештвото и да уживаат во радоста на играта и дружењето.

Локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена да ги поддржи ваквите манифестации, кои значат правилен психо-физички и социјален развој на нашите најмили – децата. Со спортската игра и натпреварувањето децата ќе имаат можност да научат како да не се возгордеат во победата, но и да не се разорачуваат во поразот. Спортот ќе ги научи дека постојаноста и посветеноста се најважни, а тие карактеристики ќе им помогнат така да се однесуваат и во сите други области од нивниот живот, рече Пецаков.

Упати благодарност до Сојузот за училишен спорт Охрид и до професорите кои ги организираат и кои, како што рече, ќе го понесат најголемиот товар за успешно одвивање на спортските игри.

Верувам дека во текот на одржувањето на игрите ќе имаме можност да откриеме врвни таленти, кои во иднина ќе бидат достојни презентери на Охрид и Македонија на спортските арени, додаде Пецаков.

Училишните спортски игри се организирани во два дела, есенски и пролетен дел. Натпреварите ќе се одржуваат на неколку локации, а учениците ќе се натпреваруваат во мал фудбал, одбојка, баскет, ракомет, атлетика, пинг-понг и шах.

OhridNews