Во присуство на министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески и градоначалникот на Охрид Никола Бкрачески, попладнево беше означен стартот на градежните работи за реконструкција на улицата „Питу Гули“.
-Овој проект се реализира со кредит од Светска банка, потпомогнат од владата, односно министерството за финансии, со кое напорно работевме да обезбедиме средства за реконструкцијата на ул.„Питу Гули’, која е една од најпрометните и ќе го олесни движењето на луѓето и стоката кон и од центарот на Охрид.-рече градоначалникот Бакрачески.
Тој објасни дека во рамки на проектот кој предвидува реконструкција на коловозот и тротоарите на ул „Питу Гули“, ќе бидат изградени уште два кружни тека на пресекот помеѓу булевар „Туристичка“ и ул. „Македонски просветители“ и помеѓу „Туростичка“ и „Бистрица“, ќе биде реконструирана ул. „Ристо Чадо“ заедно со атмосферска канализација, како и уште пет улички во населбите Воска и Даљан со атмосферска канализација, ќе се реконструира патот од Елешец кон Елшани и ул. „Илија Смически“ во с. Лескоец, а ќе бидат набавени и пет возила за ЈП „Охридски Комуналец“.
Вкупната вредност на проектот е околу два милиони евра (128 милиони денари), а министерот за финансии Ставрески најави дека доколку истиот успешно се реализира, општина Охрид догодина може да очекува дополнително уште еден милион евра за инфраструктурни проекти.
-Инвестициите во инфраструктурата и во фабрики и отворањето на работни места се двата начини како можеме да го подобриме животот на граѓаните и токму затоа сме денеска тука. -рече Ставрески.
Со проектот ќе бидат рехабилитирани и изградени 5 километри локални и регионални патишта во општина Охрид.
OhridNews