Во семејната куќа на Узунови, попладнево, започна одбележувањето на 110- годишниот јубилеј од смртта на охридскиот револуционер Христо Узунов . Краток осврт на животот на Узунов и неговото значењето во револуционерното наследство даде Наташа Котлар, историчар во Институтот за национална историја, која истакна дека едни личности ја создаваат, а други ја следат историјата и дека Узунов секако се вбројува во оние кои ја создаваат историјата.
– Тоа е личност со рановсадена и постојано култивирана свест за високите вредности на човечкото достоинство, верен на револуционерниот концепт за слободна Македонија. Узунов импресионира со позицијата, што најчесто со право се именува како прометејска, што значи многу често беше меѓу народот и силата на Узунов доаѓаше токму од народот, но за тоа требало да се располага со конкретни вредности кои кај него се препознаваат – чесност, борба за човекот и општествените идеали, рече Котлар.
Во спомен куќата на Узунов, беше презентирана книгата „ Спомени“ од Ангел Узунов, а се изврши и промоција на ќесето на Христо Узунов во историската поставка.
Чествувањата продолжија на малиот плоштад каде пред присутните гости настапи хорот при основното училиште „ Христо Узунов“, беа доделени награди за првонаградените ученици на литературниот и ликовен конкурс по повод патрониот празник на училиштето, при што беше прочитана и наградената литературна творба.
Присутните ги поздрави градоначалникот Никола Бакрачески кој рече дека денес, кога се одбележува јубилејот, се слави храброста, посветеноста и љубовта кон татковината.
– Во Македонската револуционерна борба, нашиот сограѓанин Христо Узунов има посебно место, а неговото предсмртно писмо, а посебно писмото до неговата мајка сеуште ги треперат душите на македонскиот народ. „Мила моја мајко,Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело? . Маките на Татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила- ќе напише Христо Узунов.Овие искрени, емотивно чисти пораки на еден херој, патриот и борец за слобода на македонскиот народ, треба да не мотивираат нас, но и идните генерации, како и колку треба да ја почитуваме и на свој начин да се бориме и да ги чуваме слободата и татковината- Република Македонија, рече градоначалникот.
Бакрачески информира дека ќе поднесе иницијатива до советот на општина Охрид, малиот плоштад во иднина да го носи името на големиот револуционер Христо Узунов.
Т.К.