Со вакцинацијата на медицинскиот персонал денеска започна имунизацијата против новиот тип на грип А(Х1Н1).
 
Првиот контингент од 5000 вакцини против новиот грип од типот А (Х1Н1) вчера пристигнаа во Македонија. Вакцините од производителот „Новартис се донација од Турција, бидејќи нарачаните сеуште не пристагнале во земјава.

Министерот за здравство Бујар Османи објасни дека со првата количина вакцини ќе се заштитат здравствените работници за да може да ги лекуваат пациентите во услови на пандемија.

-Имаме ограничена количина вакцини која е наменета само за здравствените работници кои директно се изложени на пациенти. Јас би сакал да се вакцинирам, но ќе оставам заедно со граѓаните, кога ќе стигнат во поголема количина, изјави министерот Османи, кој присуствуваше на вакцинацијата во Скопје.

Османи повторно изрази уверување дека здравствениот систем е подготвен да се соочи со евентуална пандемије и уште еднаш упати апел до граѓаните да не се крева паника.

Во меѓувреме Светската здравствена организација потврди дека ги истражува примероците од вирусот А/Х1Н1 од Норвешка за кој се верува дека мутирал, што се смета за причина за поголемиот број смртни случаи. Британските научници вчера објавија дека новиот мутиран вирус е отпорен на лекот Тамифлу.

Ohridnews