Започнаа градежните активности за реконструкција и уредување на коритото од каналот на река „Грашница“, јужно од булеварот „Туристичка“ покрај улицата „ Аџи Мустафа“. Како што потенцираат од локалната самоуправа, со тоа се решава долгогодишниот проблем на жителите од овој дел на Охрид, кој беше причина за чести излевања на водата и поплавувања при невреме и обилни врнежи од дожд.
Градоначалникот Никола Бакрачески кој денеска беше на увид изрази надеж дека градежните активности ќе се одвиваат според договорената динамика и според критериумите предвидени во тендерската документација.
– Беше изработена проектна документација, објавен беше јавен повик и беше избрана компанијата „БОКОП“ како најповолен изведувач. Градежните активности кои започнаа денес ќе се вршат по целата должина на каналот од 280 метри. Ширината на коритото на каналот ќе биде 1 метар и 50 сантиметри во долниот и 1 метар и 75 сантиметри во горниот дел.Коритото ќе биде изградено од армиран бетон, а ѕидовите ќе бидат од камен со дебелина од 30 до 40 сантиметри. Проектот исто така подразбира и уредување и реконструкција на просторот околу ова корито се со цел овој дел од Охрид да биде пристојно катче за жителите. Со реализација на проектот решаваме долгогодишен проблем на охриѓани. Честите запушувања на овој канал и неприфаќањето на сите води при обилни врнежи, ќе биде минато, односно се избегнуваат наредни можни поплавувања на куќите од овој дел на градов – рече градоначалникот Бакрачески.
Андон Колоски од компанијата „БОКОП“ којашто е изведувач на градежните активности истакна дека фирмата ќе се придржува согласно договореното онака како што е предвидено во тендерската документација.
– Она што ќе излезе како непредвидена работа ние ќе се обидеме да го вклопиме во проектот за доброто на сите жители на улица „Аџи Мистафа“. Ова не е прв наш објект што го градиме од ваков тип – истакна Колоски.
Во наредниот период ќе се уредува и проширува и каналот во село Пештани. Рокот за изведување е 120 дена од почетокот на градежните активности.
OhridNews