Црковно народниот Собор на кој се одбележува 50-годишнината од Вториот Црковно народен собор на кој беше возобновена Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква започна денеска во манастирот Рождество на Пресвета Богородица во Калишта.
Воведно обраќање на Соборот имаше поглаварот на МПЦ, архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан кој во своето излагање рече:
„Овој црковен јубилеен Собор ни порачува, по петдецениско самостојно делување на нашата Света црква да размислуваме за нејзиниот раст, за нејзината зрелост, за сето она што она што го направивме како нејзини чеда, како и за она што не го направивме“, рече архиепископот Стефан. Тој истакна дека на внатрешен план МПЦ постигнала видни резултати, но не и на надворешен план. „Она од што најмалку треба да бидеме задоволни, иако не по наша вина, е се’ уште нерешениот статус на нашата Света Црква. Правиме напори, обидувајќи се на сите можни начини да го актуелизираме нашево прашање и пред Вселенската патријашија и пред другите православни цркви. Нашево неприфаќање не е од канонски и други црковни пречки. Повеќе од јасно е дека македонското црковно и државно прашање, особено прашањето со името, за жал, е најголема пречка за признавање од Цариградската патријашија. Но, наше е и понатаму да продолжиме да ја чуваме верата, да ја чуваме Црквата“, рече поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан.
На свеченото отворање шеесетината соборјани од сите епархии на МПЦ, ги поздрави претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, кој ја истакна важноста на Македонската православна црква во зачувувањето на духовниот и културен идентитет на македонскиот народ. “Сите знаеме дека во овој момент водиме битка на дипломатско поле токму за зачувување на нашиот идентитет. Канонското право и пред 50 години, но и денеска е на страната на МПЦ. Принципите на меѓународното право исто така се наша страна, кога станува збор за нашето име. Верувам дека заедно, како држава и како црква, ќе истраеме во нашата заедничка определба да го зачуваме нашиот национален идентитет, нашата држава Р. Македонија, и да ја зачуваме нашата Македонска православна црква“.
Јубилејниот Собор со честитки и желби за успешна работа го поздравија и претставниците на ИВЗ и Католичката црква во Македонија, и на Комисијата за верски прашања.
Црковно народниот собор попладнево зад затворени врати ќе одржи работен состанок. Попладне во Свети Климентовиот храм Свети Пантелејмон на Плаошник ќе се одржи света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот Дебарско кичевски г. Тимотеј. Веднаш потоа ќе се одржи панихида за починатите учесници на Вториот Црковно народен собор, по што во катедралната црква Света Софија ќе се одржи свечена академија по повод јубилејот.
Горан Момироски